Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“ ја објави книгата „Залудно бегство“ од Сигрун Паулсдотир.

На крајот од XIX век, Сигурлина се наоѓа во безизлезна ситуација. Пораснала без мајка, покрај татко ексцентрик кој очекува неговата ќерка да го помине животот помагајќи му при каталошката обработка на исландските археолошки артефакти. Но Сигурлина копнее за образование и возбуда, така што ја зема судбината во свои раце. Еден ден одеднаш исчезнува од Рејкјавик со историска реликвија од збирката на татко ѝ. Преку низа неверојатни настани, артефактот е откриен во музејот „Метрополитен“ во Њујорк. Во меѓувреме, исландската полиција започнува истрага за кражбата.

„Залудно бегство“ е опишан како модерна пикарска приказна за зачувувањето на културното богатство. Романот пружа интригантен поглед на тоа како нештата го стекнуваат своето место во историјата и плете интересна приказна за човечките судбини врз кои почива таа историја.

За овој роман, Паулсдотир ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија за 2021 година.

Преводот од исландски на македонски го направи Мери Кицовска.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Сигрун Паулсдотир фото: Антолог

Сигрун Паулсдотир (1967) е исландска писателка и историчарка. Со докторско звање се здобива на Универзитетот во Оксфорд (2001). Подоцна и самата предава на факултет, а од 2009 до 2016 година го уредува списанието за исландска историја „Сага“. Од 2007 година е самостоен уметник-писател, освојувајќи го вниманието на читателите со историски биографии. Добитничка е на неколку награди и признанија, меѓу кои и наградата за најдобра биографска проза за 2013 година.

Мери Кицовска фото: Антолог

Мери Кицовска (Скопје, 1977) е преведувач и толкувач по англиски и исландски јазик. Во периодот од 2001 до 2009 година, живее и работи во Рејкјавик, Исланд, каде што, покрај другото, го изучува и го усовр­шува исландскиот јазик. Од англиски на македонски и обратно има преведено голем број текстови и дела. Од исландски на македонски досега има преведено десетина книги.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.