Речиси една третина од странските инвеститори, или 30% од компаниите, би го преселиле бизнисот од Македонија во друга држава. Криминалот и корупцијата, неефикасната јавна администрација и нефункционалниот едношалтерски систем се најголемите пречки за работа во земјава.

Анкетата спроведена од Делегацијата на германското стопанство во Македонија за деловната клима во земјава, покажува дека инвеститорите имаат проблем и со правната несигурност, политичката нестабилност и инфраструктурата.

Резултатите од анкетата, која се спроведува секоја година, покажуваат тренд на опаѓање на фирмите кои повторно би инвестирале во Македонија, а се зголемува процентот на тие кои бизнисот би го преселиле во друга држава.

Инвеститорите се најзадоволни од продуктивноста на вработените но, се соочуваат со недостиг од стручни кадри. Па, проблемот го решаваат со тоа што самите организираа обуки за новите вработени.

Од особена важност за германските инвеститори е и усогласувањето на законодавството со европското, пред сè на царините. Инаку, трговската размена меѓу Македонија и Германија надминува 4,7 милијарди евра, а извозот е тројно поголем од увозот. Во Македонија има околу 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 20.000 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.