Сменет е еден од директорите во државните електрани.

Одлуката за оваа кадровска промена ја донел Надзорниот одбор на државната компанија за производство на струја.

Данчо Стојановски е отповикан од должноста член на Управниот одбор и комерцијален директор на АД ЕСМ, додека, пак на негово место е поставен Ардијан Муча.

Овој податок може да се види од известувањето кое ЕСМ го испратило до Македонската берза, согласно со Законот за хартии од вредност.

„Согласно обврската за известување која произлегува од член 166-б од Законот за хартии од вредност, ве известуваме дека се извршени промени во составот на АД Електрани на Северна македонија во државна сопственост, и тоа со одлука на Надзорен одбор од 4 јуни 2022 година, од член на Управниот одбор на АД ЕСМ Скопје кој носи и назив директор за комерцијални работи, отповикан е Данчо Стојановски, додека со одлука на Надзорен одбор, за член на Управниот одбор на АД ЕСМ Скопје, кој носи и назив директор за комерцијални работи, е избран Ардијан Муча“, се вели во известувањето од ЕСМ до Берзата.

Во времето кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, Ардијан Муча беше директор на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, а по промената на локалната власт во главниот град, на негово место дојде Ангеле Сотировски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.