Министерот за економија Крешник Бектеши е сигурен дека од денеска цените на тестенините и млечните производи во малопродажбата ќе бидат намалени согласно владината одлука, за 15 и  10 отсто.

Тој изјави дека оваа мерка е донесена врз основа на детални анализи и ниту една компанија, како што напомена, не трпи штети.

Сигурен сум дека владината одлука ќе се применува. Ги убедувам граѓаните дека цените на млечните производи и тестенините ќе бидат согласно утврденото намалување, а земјоделците и компаниите нема да бидат оштетени. Компаниите само нема да имаат дел од планираните профити. Очекувам во маркетите сите да работат согласно мерките, истакна Бектеши во гостување на ТВ Телма.

Според него, не се очекува недостиг на производи иако Министерството за економија има механизми со кои може да реагира веднаш.

Има институции кои прават контроли на пресметките, не ги носиме одлуките на памет, туку врз основа на детални анализи. Сите цени на суровините се паднати. Сите мора да работат согласно одлуките, очекувам дека тоа ќе го направат. Ниту една компанија нема да има загуба зашто е даден дозволен процент на профитна маржа што значи дека не се укинува одлуката за маржите, тоа продолжува да важи, само паралелно се замрзнуваат цените, потенцира министерот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.