Претседателот на ДУИ Али Ахмети е авторизиран да преговара со сите политички партии, невладини организации, интелектуалци, активисти и слично во делот на можно коалицирање за наредните парламентарни избори. И тоа веќе го прави. Во делот на коалицијата со СДСМ во моментов кога зборуваме не сме многу блиску за да има таква коалиција, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Сите опции се отворени до крајниот рок кога се доставуваат листите. Веќе знаеме дека во делот на претседателските избори ние имаме наш кандидат кој прави одлична кампања до овој момент, е најподготвениот кандидат од сите можни кандидати, најискусниот кандидат во делот на меѓународната политика, во делот на безбедносната политика. Би ги охрабрил сите други кандидати на политичките партии да излезат на отворени дебати со Османи и граѓаните да оценат согласно тоа што се понудува и согласно тоа што е сработено во надлежностите што ги има претседателот на нашата држава согласно Уставот – рече Бектеши во одговор на прашање при денешното одбележување на Светскиот ден на потрошувачите.

Нагласи дека во делот на парламентарните избори ДУИ согласно сите анкети е победник во албанскиот блок.

Во делот на коалицијата со СДСМ секако дека во моментов кога зборуваме не сме многу блиску за да има таква коалиција, но најважно од се’ е дека кога победува ДУИ победуваат граѓаните, а веќе се знае дека ДУИ ги победува наредните парламентарни избори во однос на другите политички партии јас ги охрабрувам да бидат што повеќе на терен и да дадат конкретни понуди за граѓаните – истакна Бектеши.

Прашан дали ќе се повлече Ахмети од политиката доколку ДУИ изгуби на изборите, рече дека тоа е прашање за Ахмети.

Тоа е прашање за г. Ахмети. Но, ве повикувам да направиме договор меѓу сите политички партии тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата нека повелат сите политички партии вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ, па и другите политички партии – нагласи Бектеши.

На прашањето дали тоа би го направиле и доколку ДУИ не биде дел од идната Влада рече дека тоа е хипотетички.

Тоа е хипотетички, но ако сакаат тоа би го направиле и со договор, тоа важи и за ВМРО-ДПМНЕ која знае дека само со ДУИ не може да се мери ни во избори, ни во идеи, па и што да се случува во однос на политичките партии. Еве, уште еднаш јавно преку медиуми ги повикувам нека повелат и ако сакаат и јавно да потпишеме дека тој што ќе ги изгуби изборите нема веќе да се занимава со политика. Но, зошто ова не би се случило, заради тоа што овие т.н. лидери на политички партии, ова не важи само за македонската опозиција и за другите лидери сите изгубиле избори и не еднаш, повеќепати, само Ахмети никогаш не изгубил и никогаш нема да изгуби избори – порача Бектеши.

Прашан дали ќе останете министер за економија или ќе биде министер во друг ресор доколку ДУИ партиципира и во следната влада, Бектеши рече дека не е важно дали тој лично ќе биде министер за економија или, пак, министер во владата.

Најважно од се’ е да победи идејата, визијата која ја презентира ДУИ. Во тој момент кога победува ДУИ ќе биде добро за граѓаните на нашата држава, а не е важно дали тоа ќе биде Крешник или, пак, некој друг од моите колеги заради тоа што ние не гледаме каде ќе бидеме лично, но работиме, гледаме каде ќе бидат граѓаните и државата во иднина – посочи Бектеши.

Истакна дека има целосна мобилизација на членството на ДУИ и додаде дека победата на изборите не се дискутира во нивните редови, туку се очекува.

Веќе се знае, само се дискутира разликата која би била меѓу ДУИ и опозицијата. Во делот на претседателските избори веќе почнуваат да излегуваат првичните анкети каде што нашиот кандидат Бујар Османи има голема предност пред Таравари и сега би сакал и јавно да кажам дека е многу блиску за да влезе во вториот круг со еден од кандидатите на другите политички партии кои учествуваат во изборите – посочи Бектеши



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.