Министерството за економија ќе носи одлуки кои нема да бидат во прилог на одредени групи кои би направиле злоупотреби и енормно зголемување на цените во периодот додека да биде објавена конечната листа со производите што ќе бидат опфатени со законот за забрана на нефер трговски практики и додека не се променат договорите на снабдувачите со трговците.

Ова вечерва во гостување на тв Сител го изјави министерот за еконмија, Крешник Бектеши кој рече дека од над 2.500 производи, кои ќе бидат опфатени со законот, 70 до 80 oтсто се земјоделски и прехранбени производи што се на пазарот во државава.

– Над 2.500 производи се прилагодени на новото законско решение, кое денеска е усвоено на Комисија и најверојатно на наредната пленарна седница на Собранието согласно моите информации на 11. или 13. месецов ќе биде усвоено. Утредента откако ќе биде објавено во Службен весник веднаш ќе отвориме јавна расправа со стопанските комори и со Организацијата на потрошувачи, а преку медиумите ќе ја објавиме целосната листа на производи, кои предлагаме да бидат во склоп на ова законско решение каде е предвидено да нема повеќе од 10 проценти маржа во ланецот на снабдување на земјоделските и прехранбените производи – рече Бектеши.

Според Бектеши, и покрај шестмесечниот период за примена ќе нема големо зголемување на цените особено на производите за кои до крајот на минатиот месец имаше гарантирани цени.

– Сум разговарал со сите домашни производители и трговци и на големо и мало. Ако се злоупотребува овој период додека се утврди целосната листа и биде објавена, и додека се менуваат договорите што ги имаат снабдувачите со трговците заради тоа што треба да им се даде период да репреговараат одредени работи кои ги имаат предвидено нивните договори за снабдување, тие знаат дека во Министерството за економија подготвени сме во текот на денот да носиме одлуки кои нема да бидат во прилог на одредени групи кои би можеле да направат такви злоупотреби – порача Бектеши.

Злоупотребите, појасни министерот, ќе ги утврдува Државниот пазарен инспекторат кој професионално ја врши работата и на дневно ниво ги следи состојбите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.