Државата им должи 200 милиони евра на приватните фирми покажуваат последните податоци за достасани и неплатени обврски на државата кон јавниот сектор, кон физички лица, странство и обврски кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации објавени од страна на Министерството за финансии. Бројката на неподмирени обврски кон приватниот сектор, кон македонските стопанственици во годината кога голем дел се на работ на рентабилноста е навистина голема – 197 милиони евра.

Вкупниот внатрешен долг (достасани, а неплатени обврски на сите нивоа на државата) на крајот на првиот квартал од годинава изнесува 392 милиони евра. Бројката беше слична и за последниот квартал лани – 393 милиони евра.

Но, она што е тука индикативно е значајното зголемување на долгот кон приватниот сектор – за 43 милиони евра. Наспроти тоа, во првиот квартал од годинава имаме намалување на долгот кон јавниот сектор за 47 милиони евра.

Достасаните, а неплатени обврски на АД Македонски енергетски ресурси од 82 милиони евра во последниот квартал од минатата година се платени во првиот квартал од годинава. Кај АД ЕЛЕМ од 7 милиони евра на крајот од 2021 година, долгот е пораснат на 17 милиони евра.

Вкупно достасаните, а неплатени обврски кон приватниот сектор се зголемени за 80 милиони евра.

Кога ќе се споредат последните два квартали, последниот од лани и првиот од годинава, најголем раст на достасани, а неплатени обврски има кај јавните здравствени установи (17,7 милиони евра), останати субјекти (14,3 милиони евра), општински јавни претпријатија (6,2 милиони евра).

Најголем кумулативен раст на достасаните неплатени обврски има кај јавните здравствени установи и тоа од околу 40 милиони евра.

И општините имаат високи достасани побарувања – од околу 70 милиони евра и општинските јавни претпријатија со околу 60 милиони евра (состојба на крај на 2021 година).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.