Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи оствари средба со делегацијата на германски компании кои престојуваат во Македонија, со кои ги сподели деловните можности посебно во однос на поддршката за инвестиции, при што ги истакна клучните фактори кои ја прават Македонија атрактивна дестинација за нивните инвестиции.

„Македонија има стратешка локација, сместена на раскрсницата на паневропските транспортни коридори VIII и X, и нуди поволна локација привлекување на ланецот на набавки во европскиот континент наречен неаршоринг (near-shoring). Со воспоставување на производство блиску до европските центри за потрошувачка, германските компаниите можат да ја максимизираат ефикасноста и ефективноста на нивните бизнис процеси“, порача вицепремиерот Битиќи кој ги информираше германските компании дека Македонија е потписник на мултилатерални конвенции и има склучено бројни билатерални договори за заштита на инвестициите, што за странските инвеститори значи заштита преку институции како што е Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID).

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на финансиската поддршка на Владата која во прво место е предвидлива и дека сите постапки се транспарентни  со цел да создадат еднакви услови и за домашните и за странските инвеститори.

„Поддршката е дизајнирана да постигне неколку цели, вклучително и создавање на подобро платени работни места, поттикнување соработка меѓу компаниите и промовирање технолошки развој и иновации“, рече Битиќи кој германските компании ги запозна и со дигиталниот асистент во јавниот сектор, АДА, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција кој стои на располагање на компаниите да добијат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која се нуди за инвестициите, без разлика дали се тоа домашни или странски компании.

Вицепремиерот Битиќи како заклучок, рече дека Македонија е подготвена да ги пречека и поддржи германските компании во нивниот стремеж за раст и успех, и дека земјата нуди поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка.

„Заедно, дозволете ни да создадеме силни партнерства и да го отклучиме огромниот потенцијал што лежи во нашата соработка“, заклучи Битиќи.

Предводникот на германската делегација, Ханс-Јоаким Баумлер, од консултантската компанија Интегра, се заблагодари за приемот и укажаното внимание од страна на вицепремиерот Битиќи.

Тој истакна дека успешноста на германските компании кои делуваат во Македонија претставува силен мотив за другите компании да го следат нивниот пример и да инвестираат во земјава, која според него нуди добра бизнис клима за понатамошно развивање на трговската размена помеѓу Германија и Македонија.

Инаку, Германија е исклучително важен економски партнер и главен извозен пазар на Република Македонија. Повеќе од 200 компании со германски капитал работат во Македонија, кои вработуваат околу 20.000 луѓе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.