„Доколку се донесат измените на Законот за градење кој опозицијата ги блокира во Собранието, граѓаните ќе имаат поголема предвидливост да инвестираат во изградба на фотовонапонски централи. Во Буџетот на Министерството за економија се обезбедени средства за субвенции за домаќинствата и компаниите кои сакаат да постават фотоволтаици“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување во 360 степени на Алсат телевизија.

Според министерот Законот за градење во моментов е на расправа во комисиите на Собранието, кој што е речиси целосно поедноставен за поставување на фотоволтаици на крововите на домаќинствата што е важно посебно сега во енергетска криза.

„Носењето на Законите се одвива во рамки на Собранието каде што опозицијата започна блокада. Можеби се заинтересирани да не почнеме со реализација на мерки за субвенционирање на поставување на фотоволтаици, бидејќи за истото издвоивме средства. Согласно измените нема да биде потребна дозвола од општината, ниту од која било друга институција, туку само проектантска куќа која ќе одлучи да ги постави фотоволтаиците мора да докаже дека работата ја извршила фирмата што има дозвола за нивно поставување. Во минатото им требаа на домаќинствата од 8-9 месеци, скоро 1 година постапка само за поставување на соларните панели на покривите“, кажа министерот Бектеши.

Министерот појасни дека согласно новиот Правилник кој што стапи на сила на 1 јули годинава секое домаќинство има можност не само да купува струја туку истовремено и да продава, односно да може да ја стави во мрежата и да биде преземена од Универзалниот снабдувач при што е зголемен капацитетот на инсталација на фотонапонски централи од 4 на 6 мегавати за домаќинства и од 20 на 40 мегавати за компании.

„Овие ограничувања на 6 мегавати за домаќинствата и 40 мегавати за компаниите се согласно податоците од Електродистрибуција и МЕПСО за капацитетот на мрежата за апсорпција на електрична енергија што ќе ја произведуваат домаќинствата и малите компании, а во моментов електричната мрежа во земјава не може да си дозволи поголеми капацитети од овие што ги поставивме. Според сите проекции за домаќинствата и микро и малите компании до крајот на следната година е предвидено да се инсталираат до 150 мегавати производствен капацитет на електрична енергија. А Стратегијата за развој на енергијата во земјава ни покажува дека тоа треба да се прави етапно бидејќи мрежата не може да си дозволи поголеми инсталирани количини“, појасни Бектеши.

Министерот потенцираше дека целта на поставувањето фотоволтаици на покривите на куќите не е за комерцијални цели туку за да се намалат сметките за струја на домаќинствата кај нас, но во исто време да се промовира зелената агенда или трансформацијата на енергетскиот сектор од комерцијален во зелен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.