Глобализацијата, дигитализацијата и другите структурни промени во економиите ќе влијаат на новата постпандемична улога на централните банки, порача гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на панел дискусијата на „Еуромани“ што се одржа виртуелно, а на која учествуваа гувернери од регионот на Централна и Југоисточна Европа.

Гувернерката истакна дека во изминатата декада значително се зголемени одговорноста и задачите на централните банки, а пандемијата веројатно ќе предизвика и натамошни промени.

Кога зборуваме за преосмислување на улогата на централните банки во постпандемичниот период, треба да се земат предвид три фактори. Прво, постои неизвесност во однос на приспособувањето на побарувачката и понудата на среден рок и сега, повеќе од кога било, се бара од централните банки да ги следат изворите и структурните фактори коишто влијаат врз цените за да можат правилно и навремено да преземат мерки коишто ќе овозможат одржување на ценовната стабилност. Второ, несигурноста којашто ја предизвикува корона-кризата за процесот на финансиска глобализација и меѓународната трговија, при намалување на вкупната размена на стоки и услуги заради кризата, може да биде предизвик особено за малите и трговски отворени економии. Затоа, ова бара внимателност од носителите на монетарната политика за влијанието на овој процес врз нивните економии и цели на монетарната политика. Трето, трендот на дигитализација, којшто беше значително засилен со кризата, може да има влијание врз продуктивноста, плаќањата, моделите на потрошувачка, како и начинот на мерење на цените, што исто така упатува на потреба од постојано следење и вклучување во анализите коишто ги спроведуваат централните банки – посочи гувернерката.

Од Народната банка информираа дека по глобалната финансиска криза, покрај традиционалниот мандат на централните банки за ценовната стабилност, активностите биле насочени и кон одржување на финансиската стабилност. Покрај тоа, централните банки ги прошириле своите задолженија и со активности во доменот на заштитата на потрошувачите, финансиската едукација, финансиската инклузија, олеснувањето на процесот на финансиски иновации ‒ финтек-услуги, како и на зелената агенда поради влијанието на климатските промени на финансиската и ценовната стабилност.

Пандемијата несомнено ќе влијае врз натамошното обликување на улогата на централните банки. Во овој контекст, особено треба да се имаат предвид глобализацијата, дигитализацијата, како и другите структурни промени кај понудата и побарувачката, како резултат на корона-кризата. Структурните промени влијаат врз економијата и врз начинот на формирање на цените, а со тоа и врз начинот на спроведување на монетарната политика. Оттаму, за да ја остварат својата основна цел ‒ задржување на ценовната стабилност, централните банки во иднина ќе треба да ги земат предвид овие фактори во планирањето и спроведувањето на монетарната политика, велат од Народната банка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.