Градоначалникот на скопската општина Центар Горан Герасимовски соопшти дека во однос на списокот, напишан од ученичка, со закани кон своите соученици, преземени се сите мерки од страна на училиштето, а за случајот постапува и Министерството за внатрешни работи.
Што се однесува до самиот настан, вчера разговарав со директорката на училиштето, но и со сите директори на основните училишта во Општината. Тие веќе од денеска преку наставниците интензивно комуницираат со родителите и децата, предупредувајќи ги од последиците од ваквите постапки, кои некои од децата ги разбрале како игра или шега. Очекувам сите наставници, но пред се родителите да разговараат со своите деца и да им укажат колку е опасно да го користат овој немил настан, дури ни на шега, да не прават слични списоци или на кој било начин да си поигруваат со ужасната трагедија, посочува Герасимовски.
Повторува дека во најкус рок ќе бидат започнати нови програми за спречување на насилство во училиштата и нови проекти кои ќе значат побезбедни ученици и поздрава околина за раст и развој.
Уште еднаш апелирам да не се крева паника од овој случај, туку максимално одговорно секој поединец, секој родител или старател да поразговара со своите деца. Мора да укажеме и да ја подигнеме свеста дека со „таа тема” нема играње, посочува градоначалникот на Центар Герасимовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.