Регионалниот ЦУК Штип извести дека има една човечка жртва при пожар на куќа во село Косевица, во месноста „Реката“.

Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Македонска Каменица денеска во периодот од 07.20 часот до 10.35 часот интервенирале на пожар на запалена куќа во село Косевица, во месноста „Реката“. Интервенирано е со две противпожарни возила. Материјалната штета, според неофицијалните информации, била голема, велат од ЦУК.

Како што соопшти Центарот за управување со кризи, причина за пожарот е намерно палење на куќата од страна на жртвата, што била во негова сопственост.

Според првичните информации од терен, жртвата по палењето на куќата, и самата зафатена од пожарот се фрлила во базен во којшто и починала. Точната причина за смртта ќе се знае по истрагата. Моментално, на лице место, се врши увид од страна на надлежни органи и институции, додаваат од ЦУК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.