Пожарот меѓу Затвор-Штип и селото Драгоево утринава е целосно изгаснат, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Командирот на ТППЕ-Штип Дарко Коцев за МИА вели дека на терен се пожарникарите од ТППЕ-Штип, со цел да не се активира повторно.

Во моментов сме на терен, со цел да не се активира пожарот, кој вчера се рашири во три правци кон селата Драгоево, Пенуш и Софилари, вели Коцев.

Посочува дека огнените јазици пристигнале на два до три километри од првите куќи во селото Драгоево, а во гаснењето освен пожарникарите им помагало и месното население. Коцев вели дека и овој пожар е предизвикан од палење на стрништа по жетвата, а поради ветерот брзо се ширел.

Директорот на ЦУК, Ангелов вели дека во моментов нема активни пожари во земјава. Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 29 на отворен простор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.