Бугарскиот премиер Кирил Петков поднесе оставка од Владата, пишуваат бугарските медиуми

Оставката ја испратил преку курир од прес-центарот на Народното собрание на Бугарија.

На 22 јуни за недоверба на владата на Петков гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владин партнер „Има таков народ“ на Слави Трифонов.

За останување на владата беа 115 пратеници од „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, Демократска Бугарија и шестмина независни, кои ја напуштија партијата на Трифонов.

По гласањето, премиерот Петков изјави дека тој и неговата партија ќе испратат писма до сите пратеници во кои ќе ги објаснат принципите и целите на евентуалниот следен мандат. Според него, доколку не одговорат, ќе одат на избори.

Гласањето за недоверба го побара главната опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Таа ја обвинува владата за погрешни чекори во областа на јавните финансии и економската политика кои доведоа до галопирачка инфлација.

Петков на функцијата премиер е од 13 декември 2021 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.