Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во интервју за грчката телевизија „Антена“, во врска со пандемијата изјави дека постои умерен оптимизам за омикрон сојот. Мицотакис објасни дека по брзото зголемување на новозаразените на крајот од минатиот месец сега постои деескалација, а податоците покажуваат дека новата варијанта „горе-долу наликува на летна бура: висок интензитет, брзо се интензивира, но и брзо заминува“.

Со оглед на тоа, од 16 јануари стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација на граѓаните над 60 години, Мицотакис изјави дека засега, Владата нема намера да ја прошири задолжителната вакцинација и на други категории, но и уште еднаш повтори дека целосно вакциниран се смета оној кој ја примил и бустер дозата.

За некој да биде целосно вакциниран, треба да има примено три дози. И ова веќе е и законски регулирано. Не се смета за целосно вакциниран оној кој седум месеци по втората доза не примил третата. Па така не ги ужива сите привилегии, слободата што ја придружува сертификатот за вакцинација – објасни грчкиот премиер.

Тој додаде дека проценката на експертите е дека во одреден момент пандемијата ќе стане ендемична, а можеби тоа да се случи и со омикрон сојот. Дополнително, Мицотакис во интервјуто, уште еднаш ги отфрли сценаријата за воведување целосен карантин во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.