Синдикатите и федерациите на лекарите и вработените во државните болници во Грција со штрајкови, тричасовни прекини на работата и закажани протести, како денеска така и во следните денови, реагираат за новиот предлог- закон на Министерството за здравство, јави дописничката на МИА од Атина.

Предлог-законот за „второстепена здравствена заштита, медицинско образование, регулативи за платите на лекарите и стоматолозите од националниот здравствен систем и други одредби“, веќе е доставен во Парламентот и се очекува в четврток да биде ставен на гласање, а од синдикатите и федерациите сметаат дека со новиот закон дополнително се приватизира здравствениот систем, на лекарите им се дава можност да работат и во приватните болници, а лекувањето ќе стане поскапо за граѓаните.

Од Министерството за здравство пак, при доставувањето на предлог-законот во Парламентот соопштија дека меѓу другото предвидува зголемување на платите на лекарите; подобрување на медицинската обука; зголемување на додатокот за лекарите на Одделенијата за интензивна нега; додаток за лекарите во Ургентните одделенија;зајакнување на здравствениот систем со дополнителен персонал; можност лекарите, под одредени услови, да работат и во приватни клиники итн.

Активностите на грчката федерација на вработените во државните болници и Федерацијата на здруженијата на лекарите во болниците во Грција, како и синдикатот на вработените во државниот сектор, кои бараат повлекување на предлог-законот, ќе кулминираат в четврток со протест пред Парламентот, за кога е закажано и гласањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.