Српскиот член на претседателството на БиХ, Милорад Додик, покажа дека не се засекирал премногу од тоа што САД воведоа санкции против него. Додик имаше пријатна средба со соработниците при што ја запеа песната „Метар од нашето село, Америка цела“.

Видеото од дружбата е објавено на официјалниот профил на партијата на Додик, СНСД.

Американската администрација вчера ја прошири „црната листа“ под санкции на САД, на која повторно се најде Додик. За ваквата одлука, Додик изјави дека ваквиот потег не може да промени ништо, со оглед дека не планирал да патува во САД, но и нема банкарска сметка или имот во таа земја.

Претходно, српскиот претседател, Александар Вучиќ најави дека на 10 или 11 јануари ќе разговара со Додик и со претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ за актуелната состојба и порача дека Србија не се согласува со санкции и во никој случај нема да спроведе санкции против припадниците на својот народ и претставниците на српскиот народ во БиХ и Република Српска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.