Семејство во Албанија преживувало хорор. Маж од Тирана цели шест години ги држел сопругата и синовите затворени во куќа без вода и струја. Ролетните секогаш биле спуштени на прозорците за да не влезе ниту светлина.
Ѓерѓ Лачи (52) е уапсен вчера под сомнение дека сопругата и синовите со години ги држел затворени во куќата и им забранувал да имаат контакт со надворешниот свет. Човекот со години живеел во Италија, а потоа се вратил во родната Албанија, каде заедно со семејството живееле сиромашно. Тој повеќе од една година не ги пуштал своите синови, кои имаат 15 и 17 години, да ја напуштат куќата, а неговата сопруга шест години не смеела да излезе од дома. На сопругата и децата им велел дека „ќе се заразат ако излезат надвор“. Тој, според медиумите самиот не излегувал од дома во изминатите шест месеци, а храната ја обезбедувало неговото семејство, а понекогаш и неговиот брат.
Соседите раскажале дека го гледале само во петок како излегува од дома за да оди на молитва.
Властите, според написите, биле однапред предупредени дека Лачи има „радикални ставови“, а загрижените соседи повикале полиција кога забележале дека момчињата подолго време не излегуваат од дома.
Момчињата завршиле само основно училиште, а татко им под закана ги држел затворени во куќата. При претресот кај Лачи се пронајдени поголем број ножеви, поголема количина муниција и полни рамки за автоматско оружје. Лачи негирал дека ги малтретирал момчињата и дека ја силувал сопругата Елена.
Се водев од моите религиозни убедувања. Не ги пуштав сопругата и децата надвор за да ги заштитам од злото. Не сакав да почнат да се дрогираат или да се заразат, кажал Лачи на сослушувањето.
Сепак, во присуство на психолог, сопругата и децата докажале дека тој систематски ги малтретирал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.