Еден од најголемите босански клубови, Железничар од Сараево, ќе гостува во Скопје на 23 ноември, на спектаклот по повод 75-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб Вардар и 35 години од формирањето на најверните вардарови навивачи Комити.

Популарниот босански клуб познат уште и како Жељо е поранешен шампион на СФРЈ од сезоната 1971/72 и има еден освоен Куп трофеј од поранешната држава (1981), исто како и црвено-црните кои беа прваци во 1987, а освојувачи на Купот во 1961 година. Гигантот од Грбавица од распадот на СФРЈ има шест титули и шест купови во БиХ, а има европско полуфинале во 1984/85 во Купот на УЕФА, сегашната Лига Европа.

Сараевчани доаѓаат на пријателски меч и спектакл кој го подготвуваат Комити за да се одбележи голем јубилеј на црвено-црните и нивната најверна армија навивачи, а мечот е закажан за скопската Арена „Тодор Проески“ на 23 ноември од 19.30 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.