Франција со убедливи 4-1 ја победи Австралија на стартот од Светското првенство, погледите беа вперени во Оливие Жиру кој со два гола се израмни со Тјери Анри по бројот на погодоци за француската репрезентација.

Оливие Жиру постигна два од четирите гола на Франција против Австралија и дојде до 51 погодок за националниот тим, исто колку што има и Тјери Анри. Само тие двајца имаат постигнато 50+ погодоци.

Напаѓачот на Милан уште на овој Мундијал има шанси да стане најдобар стрелец во историјата на Франција.

Мечот почна шокантно, Австралија поведе со гол на Гудвин во деветата минута од натпреварот. Но тоа беше се што направија Австралијците.

 

Израмнувањето стигна во 27. минута кога по нафрлување од Тео Ернандез, Рабио погоди со глава за 1-1.

Пет минути подоцна Рабио ја имаше улогата на асистент, додаде до Жиру кој постигна гол за комплетен пресврт и водство на Франција од 2-1. Со тој резултат се замина на одморот.

Во 68. минута по асистенција од Дембеле, Килијан Мбапе даде гол за 3-1, веќе беше јасно кој ќе биде победникот на овој натпревар.

Само три минути потоа по додавање од Мбапе, Жиру даде гол за конечна победа на Франција од 4-1.

Извор: 24фудбал

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.