Раде Шербеџија на 19 март, во 20 часот, во Големата сала на Центарот за култура ќе има свој ексклузивен концерт, единствен во Македонија со својот албум “Не свртувај се сине” кој неодамна го издаде.

На сцената ќе биде заедно со “Западни Колодвор”, а понеделник во 12.00ч започнува продажбата на билетите по цена од 800ден

Шербеџија, кој со култната улога на Александар во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, пред повеќе од четврт век беше дел и од големиот меѓународен успех на ремек-делото на македонската филмска уметност, изненади со овој албум – „Ne okreći se, sine“, традиционално, во издание на најголемата регионална дискографска куќа „Croatia Records“.

Новиот студиски албум на легендарниот актер, поет и музичар е врвно музичко достигнување што ни доаѓа како подарок во живо за публиката која на 19 март ќе биде во Битола, а создаден е во време на короната, кога паузираше филмската индустрија.

Најавен со хитот „Ето пјесме“ кој за него го напиша Хусеин Хасанефендиќ од „Парни ваљак“, Шербеџија албумот го сними со екипа одлични музичари на крајот на 2020.

На албумот, Шербеџија го остава и својот авторски потпис, посветувајќи му ја песната „Шехерезада“ на познатиот словенечки театарски режисер Томаж Пандур, за која аранжманот го создаде нашиот Диран Тавитјан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.