Познатиот британски музичар Елтон Џон на Инстаграм објави дека е заразен со коронавирус и дека поради тоа ќе откаже два концерта во САД во рамките на својата проштална светска турнеја.

Заразен сум со коронавирусот и поради тоа морам да одложам два концерта во Далас во следните денови, објави музичарот кој има 74 години.

Елтон Џон објаснува дека има благи симптоми откако примил три дози вакцина против коронавирус, наведувајќи дека се надева дека ќе може да го одржи концертот закажан за в сабота во американската сојузна држава Арканзас.

Музичарот ја започна својата проштална турнеја „Farewell Yellow Brick Road“ во 2018 година, со планирани повеќе од 300 концерти во текот на три години низ целиот свет, до избувнувањето на епидемијата на коронавирус.

Во септември 2021 година, тој го издаде новиот албум „The Lockdown Sessions“ во соработка со млади уметници. Тој потоа ја одложи светската турнеја во октомври по операцијата на колкот, но се врати во јануари.

Авторот на хитовите како „I’m Still Standing“, „Your Song“ и „Crocodile Rock“, Елтон Џон продаде повеќе од 300 милиони плочи ширум светот, одржа повеќе од 3 500 концерти, а во 2019 година беше снимен и филм посветен на неговиот живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.