„StudioCanal“ и „Monumental Pictures“ го објавија првиот официјален трејлер за „Back To Black“, биографскиот филм на Ејми Вајнхаус.

Режисер на филмот е Сем Тејлор Џонсон, а Ејми Вајнхаус и нејзините години живот во Лондон, како и нејзиниот пат до славата, верно ги долови актерката Мариса Абела.

Покрај Абела, во филмот „Back To Black“ играат и Џек О’Конел како поранешниот сопруг на Ејми, Блејк Филдер Сивил, Еди Марсан како нејзиниот татко Мич, Џулиет Кауан како нејзината мајка Џенис и Лесли Менвил како нејзината баба Синтија.

Филмот, кој има одобрение од семејството, содржи многу нејзини хит песни, снимени и изведени од Абела, пренесува NME.

Откривањето талент како Мариса Абела е како да се најде златен прав. Во моментот кога погледна во камерата на нејзината прва аудиција, знаев дека е совршена актерка за улогата на Ејми Вајнхаус. Вложуваше огромен труд и работеше многу, внимаваше на секој детал и вежбаше секој ден, со часови, за да може да пее во текот на целиот филм. Таа не ја игра Ејми, Ејми живее во неа – изјави режисерот на филмот, Тејлор Џонсон.

Тејлор Џонсон претходно го режираше биографскиот филм за Џон Ленон, како и првиот филм од франшизата „Педесет нијанси сиво“. Мет Гринхалг го напиша сценариото за филмот „Back To Black“.

Воодушевени сме што StudioCanal, Focus Features и Monumental го снимаат овој филм прославувајќи го извонредното музичко наследство на нашата ќерка Ејми и прикажувајќи го нејзиниот талент на начин на кој таа заслужува – изјавија родителите на Ејми Вајвхаус кон крајот на минатата година.

„Back To Black“ ќе се прикажува во кината низ Велика Британија и Ирска на 12 април 2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.