Ја нарекуваат недела на интензивна дипломатија. Недела на американско-руски дијалог. Најважната недела во односите меѓу НАТО и Русија од распаѓањето на Советскиот Сојуз до сега. Женева, Брисел, Виена и уште неколку познати и непознати локации ќе бидат местата на интензивен дипломатски дијалог меѓу главните протагонисти во чиј сендвич се наоѓа европскиот континент.

Кај нас неделава можеме да ја наречеме нешто како недела на интензивни поскапувања, недела на незатоплени домови, недела на „новиот“ владин кабинет, недела на повторна експлозија на ковидот, и така редум. Секако дека листата може да се дополни во зависност од афинитетите и засегнатоста на секој од нас поединечно, но во суштина имаме доволно аргументи за да констатираме дека постпразничната летаргија и меланхолија, која традиционално ја заменуваше предновогодишната еуфорија, е веќе минато и нешто заборавено. Годинава имаме доволно теми, грижи и проблеми кои најдолгиот месец во годината ќе го направат уште подолг.
Импонира фактот што македонската јавност и македонскиот медиумски простор полека но сигурно своето внимание го насочуваат не само кон сопствениот двор, дури не само ни во дворовите на соседите, туку многу пошироко. Јавноста со внимание ги следи случувањата во светската политика и од далеку го набљудува играњето на мечката во дворот на „комшијата на нашиот комшија“, чија што игра во „глобалното село“ може лесно да се префрли и преку нашиот плот.

Случувањата во Казахстан и Украина и односите меѓу САД и НАТО наспроти Русија се во фокусот на светската јавност, но и со релативно добра покриеност во македонските медиуми. Тоа навистина претставува чекор напред за сите нас, особено во поимањето и перцепцијата за самите себе дека не живееме во стаклено ѕвоно, не сме изолиран систем и дека се што се случува во светот не се случува само заради нас.

Во моментов имаме две паралелни потенцијални кризни жаришта кои можат да создадат сериозен потрес на глобално ниво и кои можат да имаат сериозен импакт и врз нашата земја. Казахстан и Украина! Две поранешни советски републики, руски соседи, големи земји со голема територија.

Во Казахстан заигра мечката. Онаа руската! Го заврши својот перформанс за само неколку дена. Како што стојат работите и како што вели логиката, руската мечка таму и ќе презими, како компензација за нарушениот зимски сон. Што ќе се случува во Украина? Ќе видиме ли уште еден „казачок на руската мечката“ или можеби „неделава на интензивна дипломатија“ за момент ќе ја одложи нејзината претставата за некои уште полоши времиња?

Ако направиме мало враќање наназад и погледнеме на настаните во Украина од 2013 и 2014 година, ќе можеме да повлечеме парлела со она што се случува денес.

Во ноември 2013 година започна втората обоена револуција во Украина со цел да биде соборен прорускиот претседател, Виктор Јанукович. Тогаш Русија направи еден чекор назад откажувајќи се од сопствената политичка доминација над официјален Киев. Како одговор на сето тоа, во пролетта 2014 година направи два чекора напред со молскавичната анексија на Крим и превземањето на контролата во Донбас, создавајќи замрзнат конфликт за потребите на руските интереси кој трае и ден денес.

Каков е резултатот од сите тие случувања?

Русија ја загуби политичката доминација во Украина, но присвои конкретна украинска територија и воспостави замрзнат конфликт за потребите на нејзините интереси во перспектива. Патем кажано, политичката моќ во демократските земји се добива или губи на избори, но враќањето на загубена територија може да се направи само преку вооружен конфликт. Русија, преку сопствените политички инсталации, може на секои наредни избори да се обидува повторно да ја врати власта и доминацијата во Украина. Но, дали Украина може секогаш кога ќе посака да си дозволи воена конфронтација со Русија за да ги врати Крим и Донбас?

Така вели логиката. Така некако стојат работите на терен ако гледаме грубо, без емоции и без стандардните приказни за потребата од почитување на меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите и останатите придобивки на мирното доба.

Дали Русија во тоа време, поучена од искуствата од портокаловата револуција од 2004 година, беше подготвена и плански ги компензираше сопствените политички загуби со анексија и контрола над посочените украински територии? Не знам!

Конкретниот одговорот на ова прашање ќе го даде историската наука, но во некоја подалечна перспектива. За нас, современиците на овие случувања, ни преостанува да собереме два и два и самите да дојдеме до логичен заклучок за вистинскиот исход на случувањата во Украина од 2013 и 2014 година.

Тогашните случувања во Украина се интересни за да повлечеме паралела со актуелните случувања во Казахстан. Тоа е земја далеку од фокусот на нашето секојдневие и внимание. Ја познаваме како земја од која што го увезуваме „нашиот Тетоец“, надалеку прочуениот македонски бренд, тетовскиот грав. Само што не е од Тетово. Речиси сум сигурен дека ниту европските граѓани не се ништо поарни и поинформирани за тоа каква земја е Казахстан.
Информациите говорат дека се работи за земја богата со фосилни горива. Тој податок воопшто не е за занемарување, но и не е нешто посебно интересен поради тоа што нафта и гас има и на други места на планетава. Но, Казахстан е производител на нешто со далеку посилни енергетски ефекти од „нашиот Тетоец“. Оваа земја е најголемиот производител на ураниум, односно произведува дури една петина од вкупното светско производство на ураниум кој се користи како нуклеарно гориво за производство на електрична енергија во нуклеарните централи.

Тука работите стануваат појасни!

Контролата над овие ресурси има сериозно влијание врз глобалната рамнотежа на енергенси, особено на цената на секој од нив поединечно. Некако станува појасно влијанието на танцот на мечката во „дворот на комшијата на мојот комшија“. Како да се надзира неговиот импакт врз глобалната цена на гасот, па ако сакаме да банализираме дури и влијанието врз недоволно затоплените домови во Скопје. Станува логично и енормното поскапување на гасот во Куманово и Струмица, кои што со ова стануваат дел од клубот на европски градови со висока цена на гасот. Барем да бевме во клубот.

Шегата на страна.

Трупањето на руска војска во близина на украинската граница веќе подолг период целосно го насочи вниманието на САД и НАТО кон оваа точка на светот овозможувајќи лесна и речиси непречена пенетрација на руската воена машинерија на територијата на Казахстан. Дали ова претставува своевидно повторување сценариото од Киев, Крим и Донбас, но во сосема друг контекст и територија? Дали на сцената имавме класично одвлекување на вниманието заради постигнување на друга зацртана цел?

Зачудува фактот што речиси и да нема сериозна реакција, протест или критика во западните медиуми за случувањата во Казахстан. Нема одговор на прашањето кој го подготвил обидот за обоена револуција?! Дали причините за избувнување на немирите се реални или пак посакувана провокација од оние кои на крајот излегоа како победници?! Дали идеологот и креаторот на ова сценарио успеал во сопствените намери или пак доживеал тотален неуспех? Легитимни прашања чии што одговори сè уште се во сферата на шпекулациите.

Сепак, нешто кое што е далеку од шпекулација е фактот дека Русите се во Казахстан!
Заклучокот за тоа кои се вистинските одговори на поставените прашања можеме повторно да го извлечеме преку примена на логиката и собирање на два и два.

Доаѓаме и до неделата на интензивна дипломатија. Тоа е оваа недела. Дипломатијата е единствената алатка која може да ја спречи понатамошната ескалација на веќе постоечкиот судир во Украина, како и евентуалното вовлекување на НАТО во овој замрзнат конфилкт. Медиумскиот простор на западната алијанса изобилува со спротивставени ставови и оценки на аналитичари и експерти во однос на состојбата во Украина. Едните сметаат дека Русија го води главниот збор, а Путин триумфира реализирајќи ја сопствената агенда. Другите се на мислење дека треба да се изврши силен притисок и да се примени широка лепеза на активности која ќе го вразуми Путин и врати на местото на кое што припаѓа. Трети пак се на мислење дека е потребен внимателен однос кон Русија со цел да се избегне ефектот на „стаорец притиснат во аголот“, за кој што ефект Путин веќе предупреди дека е најлош можен исход во меѓусебните односи.
Заеднички именител на сите евроатлантски стратези и аналитичари е фактот дека на организацијата и е потребно единство. Каков и да биде пристапот кој ќе биде одбран треба да биде поддржан од сите НАТО членки без исклучок.

Тука е моментот на вистината и најсилната карта на која игра Путин!

Отсуството на единство!

Независно од декларативната унисоност во ставовите на земјите членки на НАТО, дека Русија води агресивна политика кон Украина, нивните поединечни интереси, па би рекле и нивната поединечна меѓузависност со Русија, го прави посакуваното единство на НАТО исклучително ранливо. Сите показатели говорат дека САД и европските земјите членки на НАТО имаат различни интереси. Дури и самите европски земји гледаат со различна диоптрија кон заедничкиот проблем. Секоја настојува да ги заштити сопствените интереси настојувајќи заедничкиот став на организацијата да ги рефлектира токму нејзините позиции. Усогласувањето на позициите на НАТО пактот, кој треба да претставува резултанта на триесет помали или поголеми вектори, ќе претставува исклучително тешка операција која има за цел создавање на услови за решавање на проблемот во оваа епизода.

Со други зборови, за очекување е сето ова да заврши со стариот добар класичен пазар. Пазар меѓу големите! Пазар, во кој колатерална штета повторно ќе биде Украина и народот на истокот од земјата кој веќе со години живее во услови на замрзнат конфликт, воени дејства и постојана загуба на човечки животи кои се бројат во десетици илјади. Украина повторно ќе биде најкрупната монета за поткусурување и ќе продолжи да биде жртва на сопствениот национален танц игран од мечката на соседот, руски казачок во украинскиот двор.

Но тоа не е се! Секогаш покрај големата паричка има и ситен кусур кој што има за цел да ја израмни сметката.

Во тој ситниш спаѓаме и ние, Македонија! Благодарение на исклучително погрешната политика на владата на Заев кон Русија, пред се поради нејасните протерувања на руски дипломати, како и поради доминацијата на рускиот анти НАТО и анти ЕУ интерес во бугарската политика, остануваме закопани во место. Тонеме се подлабоко во калта на балканската политика чијашто перјаница во моментов е соседна Бугарија. Колатерална штета е и самата Бугарија, која како заложник на еден војник, задоен со млекото на Варшавскиот пакт, генерал-мајор и нејзин претседател, креира нејасна политичка траекторија за целиот регион и опасност од негова дестабилизација.

Украинската криза и потребата од пазар на релација НАТО-Русија, дополнително ја намалува цената на Македонија, а бугарските блокади стануваат сосема предвидлива и очекувана компонента во нашите меѓусебни односи. Марионетската позиција на бугарската држава не влева доверба и не дава гаранција дека таа е способна да ја тргне блокадата од македонските евроинтеграции дури и по цена да добие се што бара од нас.

Затоа не треба да добие ништо!

Така вели логиката. Таков е заклучокот кога ќе се соберат два и два.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.