Околу 150.000 случаи на ковид-19 се активни во Грција, а во изминатите седум дена зголемен е бројот на починати, во просек по 100 дневно, јави дописничката на МИА од Атина.

Професорката Вана Папаевангелу која е и член на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција рече дека бројот на активни случаи не е дополнително намален во изминатата седмица и сè уште е околу 150.000, а за бројот на новозаразени, објасни дека во просек се 18.000 случаи дневно, додавајќи дека поради снежната бура и со оглед на тоа дека беа целосно во прекин работните и социјалните активности на граѓаните, во следните денови се очекува намалување на новите случаи.

Доколку се анализираат официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, се забележува зголемување на бројот на починати, а во периодот од 21 до 27 јануари, регистрирани е 701 смртен случај од Ковид-19, а завчера беше регистриран нов негативен рекорд за 2022 година со 115 починати за 24 часа.

Во однос на омикрон, професорката Папаевангелу рече дека „додека хоспитализациите поради омикрон се однесуваа на само 40 отсто од новите приеми во болница на почетокот на месецот, денес осум од десет пациенти примени во болница се со омикрон”.

– Болеста предизвикана од варијантата омикрон на коронавирусот не е обична настинка. И затоа некои наши сограѓани, особено невакцинираните повозрасни граѓани, тешко ќе се разболат и ќе треба да се лекуваат, но и ќе бидат во опасност, рече Папаевангелу.

Околу 5.000 лица во цела Грција се хоспитализирани поради ковид-19, а исполнети се 85 отсто од креветите на одделите за интензивна нега во грчките болници.

Епидемиолошката состојба во Србија е загрижувачка, омикронот се шири, веќе две недели бројот на заразени е петцифрен, а се зголемува и бројот на починати, јави дописникот на МИА од Белград.

Во последните 24 часа според српското Министерството за здравство регистрирани се 17.284 случаи на инфекција со коронавирус од 34.778 тестирани примероци, а како последица на инфекцијата починале уште 42 лица. Во болниците има 3.397 пациенти, од кои 143 се на респиратор.

Болниците повторно се враќаат на ковид режимот, како што е КБЦ „Д-р Драгиша Мишовиќ” кој повторно влезе во црвената зона.

Состојбата со пандемијата е загрижувачка, а бројот на пациенти кои се позитивни на ковид е со влијание од мутациите и побрзото ширење на вирусот, изминатите празници и од зимските одмори. Лекувањето со антибиотици на своја рака е појава која го отежнува лекувањето на ковид позитивните пациенти, бидејќи со тоа може да се „маскира” клиничката слика, а некои симптоми може привремено да станат „невидливи”. Покрај тоа, вирусните инфекции не се лечат со антибиотици, оцени пнеумофтизиологот од Градскиот институт за белодробни заболувања и туберкулоза во Белград, Катарина Мијатовиќ.

Училишниот тим од Кризниот штаб денеска одлучи од понеделник, 31 јануари, учениците од прво до четврто одделение во основните училишта директно да ја следат наставата, додека учениците од петто до осмо одделение воспитно-образовната работа да ја следат по комбиниран модел и да одат на училиште ден по ден, поделени во две групи. И за средношколците одлучено е наставата да се одвива по комбиниран модел.

На крајот на оваа недела во Франција е забележан нов рекорд на затворени паралелки. Министерството за образование соопшти дека се затворени 21.049 паралелки, јави дописникот на МИА од Париз.

Тоа претставува 3,99 отсто од 527.200 паралелки во земјата. Ова е нов рекорд, кој значително го надминува претходниот, забележан на 20 јануари (18.786). Оваа бројка ги вклучува паралелките кои се затворени поради случаи на Ковид-19 и оние кои се затворени поради незаменети отсуства на наставници. Од друга страна, се намалува бројот на затворени училишта. Министерството соопшти за 102, наспроти 152 минатата недела. До петто одделение се затворени 97 училишта.

Во однос на бројот на позитивни случаи, во периодот од 20 до 27 јануари, 572.072 ученици биле позитивни во споредба со 463.197 помеѓу 14 и 20 јануари. Во однос на персоналот за една недела се регистрирани 35.558 случаи (30.774 претходната недела). Овие бројки растат од почетокот на јануари. На 6 јануари, на пример, Министерството забележа 47.453 случаи на контаминација пријавени меѓу учениците и 5.631 случај кај персоналот во текот на првите четири дена од почетокот на учебната година.

Постарите ученици во Полска се враќаат на учење од далечина откако земјата објави рекорден пораст на случаи на новозаразени со коронавирус, втор ден по ред.

Во изминатите 24 часа бројот на заболени е зголемен за 57.659, соопшти Министерството за здравство. Во истиот период во Полска, која има 38 милиони жители, починале 262 лица.

Министерството за образование им наложи на учениците од петто одделение и погорните класови да останат дома. Првично предвиденото времетраење на мерката е еден месец.

Полските власти, исто така, почнаа да обезбедуваат бесплатни тестови за коронавирус. Досега има 64 аптеки низ државата во кои граѓаните можат да ги искористат, изјави министерот за здравство Адам Неџелски; има и други објекти кои во моментов аплицираат за дозвола за извршување на такви активности.

Финска ќе почне постепено да ги ублажува ограничувањата наметнати поради Ковид-19 веќе на 1 февруари наместо во средината на февруари, како што беше првично планирано, во услови на забележано растоварување на болничкиот систем, соопшти Владата.

Бројот на потврдени случаи на инфекција со коронавирус во светот надмина 360 милиони, а бројот на починати – 5,62 милиони, соопшти Светската здравствена организација. Според податоците што ги објави досега се регистрирани 360.578.392 заразени и 5.620.865 починати.

Во изминатите 24 часа бројот на заболени е зголемен за 3.395.352, а на починати за 10.176. Рекорден за целиот период на пандемијата ковид-19 е регистриран на 26 јануари, кога за 24 часа се идентификувани 3.962.990 нови инфекции. Статистиката на СЗО ги зема предвид само официјално потврдените информации за заразени и починати лица обезбедени од земјите.

САД имаат најголем број потврдени случаи – 71.812.665, потоа Индија (40.371.500), Бразил (24.311.317), Франција (17.252.793) и Велика Британија (16.149.323). САД соопштија за најголем број смртни случаи – 866.039, следат Бразил (623.843) и Индија (491.700), Русија (328.770) и Мексико (303.776).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.