Епидемиологот Драган Даниловски, во изјава за „Дојче Веле“ вели дека Омикрон го заобиколува имунитетот стекнат од вакцините.

„Никогаш ниедна вакцина не штитела стопроцентно од смртен исход! Особено не кон варијанта на вирусот што го заобиколува во голема мера имунитетот стекнат од вакцините, како што е Омикрон“, вели епидемилогот, професор Даниловски, откако деновиве во здравствените билтени се почесто се забележуваат починати лица коишто имале примено по две вакцини за заштита од Ковид-19.

Епидемиологот смета дека ако опфатот со трета (бустер) доза е поголем, би се избегнале непотребни жртви.

„Таа го подига нивото на заштита од заразување од Омикрон на околу 50 проценти, од хоспитализација на околу 90 проценти и од смртен исход преку 90 проценти. За жал, кај нас опфатот со трета (бустер) доза е симболичен“, објаснува Даниловски за ДВ.

Даниловски укажува дека заштитата од вакцините трае само неколку месеци, така што кај сите што се вакцинирале од почетокот на вакцинацијата во Македонија, па сѐ до пред 3-6 месеци, заштитата од заразување практично е исчезната, а од хоспитализација и смрт е значајно редуцирана.

Неповолен момент, според него, е и фактот што огромен број граѓани беа вакцинирани со кинеските вакцини Синофарм и Синовак, кои речиси не обезбедуваат никаква заштита од Омикрон.

Од 21 до 26 јануари – 36 лица коишто биле вакцинирани, или повеќе од една третина, се најдоа меѓу стотината граѓани коишто ја изгубија битката со Ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.