Петмина пациенти во Македонија истовремено имаат инфекција со грип и ковид-19 покажува неделниот извештај за состојбата со грип на Институтот за јавно здравје.
Во Македонија се пријавени 470 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип.
Во текот на 1-ва извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнаа 224 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 9 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19. Притоа, детектирани се 40 (17,9%) позитивни случаи, 35 од рутинскиот надзор и 5 позитивни случаи од сентинел САРИ надзорот, сите Influenza A несубтипизирани. Од позитивните од рутинскиот надзор, кај 5 е потврдена инфекција со грип и КОВИД-19 истовремено.
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со прва недела од минатата сезона е зголемен 26,1 пати, а во споредба со бројот за прва недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 10 сезони) се регистрира намалување од 39,0%.
Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, велат од ИЈЗ.
Во однос на возрасната дистрибуција, 270 лица се на возраст од 15-64 години, 121 кај деца на возраст од 5-14 години, 64 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години и 15 лица на возраст над 65 години.
Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години. Заболените се пријавени од 15 ЦЈЗ/ПЕ, во Дебар – 156, во Тетово – 78, во Гостивар – 62, во Кавадарци – 42, во Куманово – 29, во Велес и Скопје – по 27, во Охрид – 24, а во останатите ЦЈЗ/ПЕ, бројот на пријавени е помал од 10.
Во сезоната 2021/2022 вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 2.183. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 5,5 пати, а во однос на моделот од последните 10 сезони се регистрира зголемување од 7,2%.
Во Македонија се вакцинирани вкупно 49.236 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против сезонски грип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.