Медицинските сестри не заминуваат само во странство, туку и во приватните здравствени установи, а заминуваат и воопшто од професијата, ја напуштат, кажа денеска Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“.

Бешлиовска говореше непосредно пред традиционалната свечена академија, на која ќе се доделуваат признанија за најхумана медицинска сестра.

Има голем одлив на медицински сестри во странство. Затоа многу е важно да се има автономност во професијата, здрава работна околина, подобри услови за работа, веднаш да се реагира, за да не се бидеме нација што ќе остане без медицински сестри, изјави Бешлиовска.

Неофицијално, вели Бешлиевска, според побарувањата за исписници и потврди што ги бараат од Здружението, за да си ја комплетираат документацијата за во регионот и Европа, имаме многу голем одлив.

Имавме дури период после пандемијата со Ковид-19, кога на месечно ниво до четириесет медицински сестри заминуваа од сите нивоа на јавниот здравствен систем, појасни таа, одговарајќи на новинарско прашање.

Нашето мото на оваа манифестација во рамките на неделата на сестринството, е „Инвестицијата во образованието на сестрите е инвестиција во здрава нација“. Сестрите се силата на здравата нација. Континуирано на различни начини ја браниме професијата, нагласи таа, потсетувајќи и на хуманитарни активности организирани во изминатиот период.

Бешлиовска рече и дека биле маргинализирани во однос на многу нивни барања досега, иако редовно го кревале гласот и реагирале. Изрази надеж дека конечно професијата ќе се изрегулира со закон.

Денешниот настан започна со донациски базар „Сестрите за сестрите“. Со собраните финансиски средства, како што беше појаснето на настанот, ќе се помогне на неколку медицински сестри кои побарале помош, а се лекуваат од малигни заболувања, како и на една медицинска сестра чие малолетно дете се лекува во Белград.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.