На превојот Стража е хаос, на две-три места има застои на патот Стража – Кичево. Кој нема итна и неодложна работа нека не тргнува кон Охрид или Скопје, апелираат на социјалните мрежи граѓани кои заглавиле во гужвата.

Врнежите од снег кои почнаа вчера, предизвикаа проблеми во сообраќајот. Забрана за тешки товарни возила е воведена на неколку патни правци низ државата, а Центарот за управување со кризи издаде вонредна информација за сите оние кои се наоѓаат во Берово да не тргнуваат на пат поради обилни врнежи од снег.

Од 10 часот, според информациите од Авто мото сојузот на Македонија и јавното претпријатие „Македонија пат“ воведена е забрана за движење на сите видови моторни возила на патен правец Берово – Беровско Езеро, поради обилни врнежи снег.

Од Центарот за управување со кризи апелираа до сите лица кои моментно се наоѓаат кај Беровско Езеро – да не тргнуваат на пат, а ако имаат потреба од храна и лекови, да се јават на 112 во ЦУК, по што од Општина Берово ќе им биде доставено што им е потребно.

Регионалните центри за управување со кризи во Берово и во Штип, во координативна оперативна комуникација преку Секторот за операции и координација, соопштија дека во целосен прекин е патот Берово-Струмица поради врнежи од снег и паднати дрвја по патот.

Забрани за тешки товарни возила има и на патните правци на крак Маврово – Маврови Анови и Двориште – Струмица – Берово. И на патниот правец Тетово – Попова Шапка, односно на потегот од село Лисец кон Попова Шапка, воведена е забрана за автобуси и тешки товарни возила, додека за останатите возила задолжителна е употребата на зимска опрема (ланци).

Од АМСМ информираа дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Расчистени се одроните на патниот правец Делчево – Македонска Каменица – Кочани кај селото Истибања, дел од магистралата А3.

Како што информира раководителот на делчевската подружница на „Македонија пат“, Влатко Цоневски, сообраќајот на оваа делница повторно се одвива по двете коловозни ленти.

Претходно, поради големите одрони, сообраќајот на овој патен правец беше во прекин.

Паралелно, како што додаде Цоневски, извршено е чистење на патот од снежни наноси до граничниот премин „Делчево“ како и регионалниот пат кон планината Голак.

Од „Македонија пат“ апелираат на внимателно возење долж патните правци во Пијанечко-малешевскиот регион и почитување на сообраќајната сигнализација.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.