По синоќешните поплави во Крива Паланка предизвикани од големото невреме и поројните врнежи од дожд, денеска на терен се распоредени сите екипи од општинските служби, од ЈП Комуналец, ЈП Македонија пат и останати за санирање на штетите, расчистување на наносите и утврдување на состојбите на терен.

Доцна синоќа на итен состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување, на кој присуствуваа и директорот на ЦУК  Стојанче Ангелов  и директорот на ЈП Македонија Пат, Костадин Ацевски утврдени беа критичните точки на повеќе локации.

Отсечен беше комплетно патот кон село Луке, којшто екипите на Македонија пат во текот на вечерта и утрово го оспособија и се одвива сообраќај во една лента, а патот кон селото Трново каде се однесени пропустите, се уште е надвор од функција и селото е отсечено.

(фото: Општина Крива Паланка)

Најголеми проблеми предизвикаа дотекувањата на Киселичка Река, во атарот на местото викано Самоков каде нивото на водата беше високо, но засега се однесени само пешачки мостови, како и во населба Мизовски ливади, местото викано Тополки каде беа поплавени приземни и подрумски простории на неколку куќи, но брзата интервенција на ТППЕ Крива Паланка помогна за интервентно испумпување на водата од објектите и дворовите.

Надојдените долови, Куков Дол и Домачки Дол беа најкритични, предизвикаа запушување на пропустите и прелевање на мостовите, однесени се материјали, граѓа и друго на сопственици на куќи. Во Домачки Дол има две критични точки: во повисокиот реон, каде е однесен мост, а во понискиот дел имало бројни препреки од складирани дрвја, гуми и хаварисано возило – камион што попречувал проток на водата, но службите синоќа го отстраниле.

Останатите служби се вклучија во интервентна помош на терен, ОВР Крива Паланка со дежурни екипи ги обележа  и обезбеди критичните точки на патните правци во текот на ноќта, додека Јавното претпријатие Македонија пат – секција Крива Паланка со околу 35 луѓе и 7 возила, екипи и од соседни општини, се на терен и веќе работат на оспособување на регионален пат Р245- Крива Паланка-Трново, каде пропустот е однесен и селото е отсечено.

(фото: Општина Крива Паланка)

Стручните лица, инженери од Општина Крива Паланка заедно со стручни лица од ЈП Комуналец и ЈП Македонија пат направија распоред на градежна механизација по локации, ЈП Комуналец и општинскиот инспекторат  ги ангажираа лицата за општо-корисна работа, вработени во сектор Паркови и зеленило и работници од КПУ одделение Крива Паланка и од рано утрово работата на расчистување на наносите во кејот, расчистување јавни површини и перење на улиците од талогот.

МВР издаде забрана за сообраќај на критични патни правци и забрана за движење на пешачки мостови со забрана за движење на луѓе во речно корито.

До ЕВН е испратена информација да се изврши детекција на потенцијални опасности во електричната мрежа, Македонија пат извршија обиколка и увид на критичните свлечишта, две од нив,  најкритични се стариот пат кон манастирот и Крива Паланка-Кошари, кај клучката со улицата „Св. Јоаким Осоговски“, каде не е возможно брзо решавање на проблемите и ќе се бара поддршка од Владата и надлежни институции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.