Нова опрема во Лабораторијата за биохемија, клиничка биохемија и биологија на клетка на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје е поводот за разговорот со биохемичарот проф. д-р Велимир Стојковски, кој ни ја открива важноста за дијагностика.

Во Лабораторијата за биохемија, клиничка биохемија и биологија на клетка на Факултетот за ветринарна медицина инсталиравте нова опрема. За каква опрема станува збор?

Политиката на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје отсекогаш била лабораториите да бидат опремени со најнова и софистицирана опрема. Така што, следејќи ја таа политика, на Факултетот се набавени и пуштени во работа автоматски биохемиски анализатор, автоматски имунофлуоресцентен анализатор и автоматски хематолошки анализатор. Сите тие се наменети за современа дијагностика, научни истражувања и секако за едукација на нашите студенти.

Ќе овозможи ли оваа опрема  подобра дијагностика од таа што претходно се користела на Факултетот? 

Лабораторијата за биохемија, клиничка биохемија и биологија на клетка е основана во 1998 година, односно пред 25 години и таа секогаш располагала со квалитетна опрема. Но, кога станува збор за биохемијата и аналитиката воопшто, опремата во секоја лабораторија е директно поврзана со развојот и достигнувањата во техниката, во технологијата и во аналитиката. Така, денес е незамисливо да се работат анализи на опрема на којашто се работело пред триесетина години, затоа што анализаторите постојано се иновираат и усовршуваат. Новите технологии и технички решенија на апаратите имаат тенденција секогаш да работат со што е можно помалку материјал за анализа (крв, серум или др.), резултатот да се добие за што е можно пократко време, добиените резултати да бидат точни, методите да бидат сензитивни, репродуцибилни итн. Токму овие апарати ги задоволуваат тие критериуми и трендови во аналитиката и работат со многу мали волумени на материјал, пример за една анализа се потребни само 100 микролитри. Споредбено, таа количина е еднаква на две капки. Исто така, анализаторите се доста брзи и даваат резултат за многу кратко време. На автоматскиот биохемиски анализатор работиме повеќе од 40 различни анализи, а резултатот се добива за 10 до 12 минути, додека на автоматскиот имунофлуоресцентен анализатор, којшто користи посложена технологија, може да се работат повеќе од 100 различни анализи (хормони, маркери и др.), а резултатот се добива за 40 минути. Накратко, станува збор за софистицирани анализатори, кои секако ќе овозможат побрза и поточна дијагностика.

Се разликува ли дијагностиката кај луѓето во однос на дијагностиката кај животните?

Како биохемичар, ја познавам и би можел да зборувам и за дијагностика кај луѓето и за дијагностика кај животните. Но, колку и да изгледа чудно, ако ги споредам двете, дијагностиката кај животните е малку покомплексна. Притоа, не станува збор за комлексност од аналитички аспект, туку повеќе од практичен. Во суштина, анализите најчесто се работат кај домашните миленици мачка, куче и др. а исто така и кај фармрските животни. Сите тие се цицачи, но сепак живиот свет е многу разновиден и без оглед на аналаитичкиот приод и методите, различните видови животни меѓу себе се разликуваат по различниот метаболизам на одредени биохемиски конституенти и по различните референтни вредности. Главниот проблем во дијагностиката кај животните е тоа што недостига еден битен елемент, а тоа е комуникацијата со пациентот. На пример, во дијагностиката кај човекот комуникиацијата е една важна дополнителна алатка за да се дојде побрзо до дијагноза. Докторот комуницира со пациентот и ги забележува сите податоци што тој ќе му ги каже. На тој начин пациентот може да му помогне на докторот и да го олесни поставувањето на дијаногзата. За разлика од човекот, кај животните не може се користи комуникацијата како помош при дијаностиката и сè што треба да го заклучи докторот за состојбата на здравјето на животното се базира на точната дијагностика со помош на различна апаратура. Доколку биохемиските анализи, но и другите дијагностички податоци од визуализирачки дијагностички методи, ултразвук, рентген, компјутерска томографија и сл, се точни, тогаш точна ќе биде и дијагнозата, добра ќе биде и терапијата, а ако биде добра терапијата, исходот ќе биде позитивен. 

Со оваа опрема воведувате ли некоја нова анализа во дијагностиката, како всушност го подобрувате квалитетот и функционалноста која и до сега сте ја имале?

Во нашата лабораторија и досега работеше квалитетно, а отсега се надевам дека тоа ќе биде уште подобро, зашто сепак се работи за најсовремена опрема во светски рамки. Ние постојано се трудиме да ги следиме современите дијагностички методи и да ги воведуваме во нашите лаборатории, како што веќе реков, сè со цел да им го олесниме на ветеринарните доктори поставувањето на точна дијагноза. Така и овој пат воведовме некои нови анализи, како што се CRP (C реактивниот протеин), фруктозамин, жолчни киселини, фенобарбитал и др. Во тој контекст ќе го споменам фруктозаминот, како доста интересна анализа кај животните во дијагностицирањето на дијабетесот. Според мене, тој е незаменлив параметар во проценката и дијагностицирањето на ова заболување. Кај човекот, сличен параметар кој се испитува е гликолизираниот хемоглобин (хемоглобин А1C), со кој можеме да го видиме просечното ниво на гликоза кај пациентот во изминатите 3 месеци, преку врзувањето на гликозата за хемоглобинот. Кај животните, такви податоци ни дава фруктозаминот, но за разлика од гликолизираниот хемоглобин, фруктозаминот се врзува за протеините. Кај кучето најчесто врзувањето е за албумините, а кај мачката за глобулините. Со определувањето на овој параметар кај животните, ќе добиеме податок какво било нивото на гликоза во крвта во изминатите 2-3 седмици. Зошто е ова важно? Затоа што, повторно ќе кажам, дијагностиката кај животните е поспецифична. Пример, ако дојде во лабораторија човек на кој треба да му се земе крв за анализа, тој комуницира со лаборантот, знае што следува, лаборантот му кажува дека нема да биде болно, дека ќе го боцне, го прашува како се чувствува и во секој момент ако нешто не е во ред тој може да комуницира со лаборантот. Но, замислете ситуација кај некое животно. Сопственикот го носи во лабораторија, околу него се собираат двајца, можеби и тројца лаборанти, доктори, од кои едниот го држи животното, вториот му ја фиксира ногата, третиот го боцка. Во таква ситуација самата процедура за животното е стресна и јас лично сум убеден дека добиената вредност за гликоза во крвта кај тоа животно никогаш нема да биде корисна за дијагноза. Едноставно, животното е под стрес, а нивото на стресот и како тоа го доживува земањето крв, ние не можеме да го процениме. И на крајот, таквиот стрес, логично ќе резултира со покачено ниво на гликоза во крвта. Затоа со воведувањето на фруктозаминот можеме да добиеме поточна претстава за нивоата на гликемија во последните 2-3 седмици, кога животното претпоставуваме дека не било во акутен стрес, и да процениме што да правиме понатаму во дијагностичката постапка.

Така што убеден сум дека новата опрема и новите анализи ќе дадат придонес за подобра  и поточна дијагностика во ветеринарната медицина.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.