Суша од библиски размери ја зафати Европа ова лето. Климатските експерти предупредуваат дека две третини од Европа е погодена од најголемата суша во последните 500 години. Последиците се – изгорени полиња, реки без вода и илјадници пожари во кои огнот проголтува се пред себе.

Во Романија, каде што не заврнал дожд веќе три месеци, дури и православните свештеници се молат да престане сушата. Ако наскоро не заврне дожд, загрозен е најголем дел од добитокот на оваа аграрна земја.

Снимките од воздух го покажуваат степенот на сушата во Шпанија. Во Андалузија, стадо овци се засолни од топлината под готските сводови на средновековниот мост, потопен со изградбата на брана во 1956 година.

Ако не заврне наскоро иднината е многу, многу темна“, коментира локалниот бизнисмен Франциско Базага.
Во Полска, поради сушата и реката Одра, чијшто водостој е на историски минимум, имаше масовно изумирање на рибите. Водата во реката е кафена и смрдлива.

„Ова е еколошка катастрофа на втората по големина река во Полска, Одра. Тоа е трагедија“, вели рибарот Марцин Бергер.

Големите песочни „острови“ го зазедоа местото на зелените води на По, најдолгата река во Италија. Краткорочно, без вода од По ќе се наруши снабдувањето со вода за повеќе од пет милиони Италијанци, но долгорочните последици се уште пострашни: за прв пат по 50 години, Италија нема да произведе доволно храна ниту за себе.

Француската река Лоара речиси ја нема. Од езерото Неви Сенх Сепушре во централна Франција остана само езерце полно со мртви риби. Во другите делови на Франција, како и низ цела Европа, шумските пожари беснеат со месеци. Илјадници луѓе мораа да бидат евакуирани.

Причините за сушата се сложени, велат експертите.

„Ова не е порака дека отсега тоа ќе се случува секоја година. Но, ако гледате долгорочно, сигурно постои шанса дека тоа ќе се случува почесто. Има места во Европа каде што нема доволно вода дури и за пиење, што патем речено е најголем приоритет во целиот синџир кога ќе дојде до недостиг“, наведува Вуте Ваневиј, експерт од Европската агенција за животна средина.

Засега критичната ситуација во поголемиот дел од Европа може да се подобри само со обилни врнежи. Тогаш ќе има доволно вода за пиење, наводнување и производство на струја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.