В сабота, на 16 декември, во 20 часот во КСП Центар Јадро ќе се одржи стендап комедија со Миранда Лончар од Босна и Херцеговина.

Стендап претставата „Сите ќе умреме“ (Svi ćemo umrijeti) е интерактивна. Темите се љубов, раѓање, политика и смрт. Тонот и расположението на шоуто зависат од публиката и од општата атмосфера на вечерта. „Сите ќе умреме“ е прослава на животот – дотолку повеќе што сите нè очекува смртта. Претставата е прилагодлива и може да им се допадне на сите, но сепак најсилно ја чувствуваат луѓето кои многу страдале во текот на животот – поточно тие што сè уште страдаат, критички насочените поединци, образованите и емпатични луѓе. Значи, накратко, жени и геј мажи.

Миранда Лончар (р. 1976) доаѓа од Мостар, Босна и Херцеговина. Таа се занимава со стендап комедија од 2008 година, а коментарите се дека ѝ оди добро во последните неколку години. Сака глупав хумор, но сепак да има некоја порака. Ја сака секоја публика, а омилена ѝ е онаа која гласно се смее: луѓе кои ширум ја отвораат устата, неоптоварени со својот изглед во моментот на напад на смеа. Комедијата во живо е игра на заведување за двајца, така што на крајот на вечерта и публиката и изведувачот се разголуваат низ смеа. Таа блискост ја возбудува г-ѓа Лончар, барем малку, затоа што веќе со години е во брак.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.