Русија и Украина заедно произведуваат 14% од пченицата во целиот свет и учествуваат со 29% од вкупниот извоз на пченица, според податоците на Гро Интелиџенс.

Светската програма за храна на ОН (WFP) објави дека во светот ќе завладее глад доколку украинските пристаништа на Црното Море не се отворат во најскоро време. Украинските силоси за жито се полни и летово ќе нема да има простор за складирање ако силосите не се испразнат сега. Тоа ќе генерира големи количини отпад и понатамошно покачување на цените на храната на светско ниво.

Организацијата на ОН за храна и земјоделство проценува дека 25 милиони тони жито во моментов се во Украина додека нејзините пристаништа на Црното Море се затворени.

Од февруари, Украина, еден од водечките светски производители на пченка и пченица, не може да извезува жито со воз.

Освен житото, завојуваните соседи учествуваат во светскиот извоз на пченка со 17%. Русија и Украина имаат доминантна улога во светот за снабдување со сончогледово масло учествувајќи со неверојатни 76% од извозот на овој производ глобално.

Цената на житото многу ќе зависи од последните санкции на Западот против Русија. Санкциите против најголемата држава во светот во 2014 година за време на претходниот конфликт помеѓу Украина и Русија предизвикаа значително зголемување на цената на пченицата на светските берзи.

Фјучерсите на пченицата во Чикаго во 2014 година помеѓу февруари и март скокнаа за 25% поради стравувањата од нарушување на глобалното снабдување со жито. Претходната година во 2013, за среќа, жетвата во Украина беше успешна и плодна, па ситуацијата набрзо се стабилизираше.

Овојпат конфликтот е далеку поголем, а експертите веќе предупредуваат од недостаток на пченица, што би предизвикало причинско-последично поскапување на многу прехранбени производи насекаде низ светот.

И Украина и Русија се клучни снабдувачи на земјоделски стоки, но жетвите сега се загрозени во Украина, а заглавени во Русија поради санкциите. Повеќе од половина од прехранбените производи што ги користи Светската програма за храна на Обединетите Нации (WFP) во кризните региони потекнуваат од Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.