Ватикан и пренел на Кина дека папата Франциск сака да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг додека двајцата се наоѓаат во главниот град на Казахстан, но Кина одговорила дека нема доволно време за тоа, соопшти извор од Ватикан.
Изворот не наведува други детали за тоа како и кога Ватикан ја пренел пораката до Кина, со која е ангажиран во чувствителниот дијалог за статусот на Римокатоличката црква во земјата.
Ватикан „покажа отвореност“, додека, пак, кинеската страна рече дека „го цени гестот“, но дека Си Џинпинг нема време за средба – изјави изворот.
И папата и Си пред два дена беа во Астана, каде што кинескиот претседател беше во официјална посета, а папата учествуваше на Конгресот на светските верски водачи.
Средбата меѓу папата и кинескиот претседател, колку и да биде кратка, секако би била историски момент.
Зборувајќи со новинарите што го придружуваа на летот за Казахстан, папата Франциск во вторникот беше прашан дали има можност да се сретне со Си во Астана, но тој скромно одговори: „Не знам ништо за тоа“.
На прашањето, пак, кога ќе биде подготвен да отпатува во Кина, тој одговори „секогаш сум подготвен да одам во Кина“.
Папата се обиде да ги подобри историски лошите односи меѓу Светата столица и Кина, а во интервју за Ројтерс во јули порача дека се надева дека ќе го обнови тајниот и контроверзен договор за назначување римокатолички бискупи во Кина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.