Сојузниот суд во САД го именуваше правниот ветеран од Њујорк, Рејмонд Дири за независен арбитер во кривичната истрага против Доналд Трамп.

Истрагата се води поради доверливи документи пронајдени за време на претресот на ФБИ во куќата на поранешниот американски претседател на Флорида и тој го одби барањето на Министерството за правда да продолжи со испитувањето на нивната содржина.

Американската окружна судијка Ејлин Кенон го овласти новоименуваниот независен арбитер Дири, да ги прегледа документите запленети во претресот на имотот на Трамп на 8 август и го одреди ноември како рок за неговата работа.

Во меѓувреме, таа и му забрани на Обвинителството во истрагата да користи околу 100 запленети документи што се означени како доверливи.

Изборот на Дири, поранешен сојузен обвинител кој со години работел и како судија во сојузниот суд со седиште во Бруклин, следуваше откако и Министерството за правда и адвокатите на Трамп јасно дадоа до знаење дека ќе бидат задоволни со негово именување за таканаречен специјален експерт во судскиот процес.

Двете страни не се согласија околу обемот на должноста што треба да ја изврши таканаречениот специјален експерт.

Трамп е под истрага на Министерството за правда поради чување владини документи, некои од нив означени како многу доверливи, вклучувајќи и строго доверливи документи на својот имот во Мар-а-Лаго во Палм Бич, откако ја напушти функцијата во јануари 2021 година.

Министерството за правда истражува и евентуално попречување на истрагата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.