Во она што остана од нејзиниот дом, баба Олена го замеси велигденското лепче, во Украина познато како Кулич. Војната и бомбите фрлени врз нејзината куќа во Чернихив не ја поколебаа да го одбележи празникот, но оваа година без фарбани јајца. Баба Олена ќе го подели замесениот леб заедно со 12 соседи со кои веќе цел месец живеат во подрумот од нејзината урната куќа. Нема радост на овој ден вели баба Олена, а солзите не и се сопираат.
Градот Чернихив кој се наоѓа на северот од Украина беше еден од најпогодените од руските бомби. Стотици загинаа додека украинските сили да се пробијат и да ги натераат Русите да се повлечат на почетокот од овој месец. Оние кои избегаа полека се враќаат, а оние кои останаа и чии домови се уништени како на баба Олена се обидуваат да обноват соба по соба.
Злото нема да ја уништи Украина, порача претседателот Зеленски во велигденската порака до својот народ, кој христијанскиот најголем празник го минуваат во подрумите, а децата два месеца не го гледаат синото небо. Но, им порача да не губат надеж.
Додека половина Украина велигденските свеќи ги запалија во скривниците, рускиот претседател Путин молитвата ја кажа во московската црква Христос Спасител.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.