Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека преговорите за завршување на војната во Украина можат да започнат само кога рускиот претседател Владимир Путин ќе сфати дека нема да победи.
-Според мене, неопходно е Путин да разбере дека нема да успее во својата инвазија и неговата империјалистичка агресија, односно дека треба да ја повлече армијата. Тоа е основата за разговорите – изјави Шолц за Си-Ен-Ен.
Тој рече дека верува оти Украина е „подготвена за мир“.
-Ако се погледне предлогот на Украинците, лесно може да се види дека тие се подготвени за мир. Нешто мора да се направи, а тоа нешто зависи од Путин – додаде Шолц.
Запрашан дали има договор за прекин на војната според кој Украина би се согласила да се откаже од контролата врз Крим и дел од источниот регион Донбас, Шолц рече дека таква одлука не може да се донесе без украинската страна.
Шолц и американскиот претседател Џо Бајден ја потврдија својата посветеност да ја поддржат Украина, Тие разговарале за војната за време на приватна средба во Белата куќа.
Во кусото соопштение објавено по разговорите, Белата куќа наведува дека Бајден и Шолц зборувале за „континуираните напори за обезбедување сигурност, хуманитарна, економска и политичка помош за Украина и важноста да се поддржи глобалната солидарност со народот на Украина“ , како и за други глобални прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.