Најмалку три лица се убиени во пукање во супермаркет во трговски центар во Орегон, соопшти полицијата, пренесува Еј би си Њуз.

Според извештаите, инцидент бил пријавен во неделата по 19 часот по локално време. Напаѓачот е меѓу загинатите.

Полицијата верува дека напаѓачот влегол во трговскиот центар од задната страна и отворил оган прво на паркингот, а потоа и во продавницата.

Тој влегол во супермаркетот и пукал во најмалку едно лице во близина на западниот влез. Лицето било пренесено во локалната болница, но потоа починало.

Осомничениот продолжил да се движи во супермаркетот и повторно пукал во едно лице.

Кога полицијата пристигнала на местото на настанот пронашла уште едно мртво лице за кое се претпоставува дека е напаѓачот, но, како што е соопштено, не бил застрелан од полициски службеници.

Непознат е идентитетот на осомничениот напаѓач и на жртвите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.