Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се огласи на Твитер во врска со изјавите на турските функционери и нивниот став за влегувањето на Финска и Шведска во Алијансата.

Турција е важен партнер и потребно е да одговори на сите безбедносни проблеми. Мораме да бидеме обединети во овој историски момент. Турција изрази одредени загрижености, а како што тоа секогаш го правиме во НАТО, ние ќе седнеме и ќе разговараме за тоа. Сигурен сум дека ќе можеме да најдеме заеднички јазик и консензус за тоа како да дејствуваме во врска со нивното членство, истакна Столтенберг.

Тој изрази и надеж дека ќе успеат да се решат проблемите што Турција ги навела, без да се кочи влезот на Финска и Шведска во НАТО.

Се надеваме дека бргу ќе напредуваме ако Финска и Шведска поднесат барање за членство. Турција јасно даде до знаење дека немаат намера да го спречат членството. Поради тоа сум убеден дека ќе ги решиме проблемите што ги наведе Турција, на начин на кој нема да биде одложен процесот за нивен влез во Алијансата, додаде Столтенберг.

Шведска и Финска најавија дека за неколку дена ќе поднесат барање за членство во НАТО поради промената на геополитичката клима во Европа по почетокот на рускиот напад на Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.