Долниот дом на швајцарскиот Парламент го отфрли предлогот на партијата на Зелените, со кој Швајцарија требаше да се приклучи на меѓународната РЕПО група за воведување економски санкции против Русија.

Со 101 глас „против“ и 80 гласа „за“, Долниот дом одби да се приклучи на групата основана во 2022 година од САД, Австралија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Европската комисија, пренесуваат британските медиуми.

Владата претходно излезе со препорака земјата да не се приклучува кон групата РЕПО, а министерката за економија Бет Јанс кажа дека предноста од таквата одлука се рефлектира во способноста на Швајцарија да организира мировен самит за војната во Украина.

Русија веќе ја отфрли можноста за учество на самитот, соопштувајќи дека Швајцарија ја отфрлила својата декларирана неутралност со учеството во санкциите на ЕУ против Москва.

На 15 и 16 јуни, Швајцарија ќе биде домаќин на дводневна мировна конференција на високо ниво, чија цел е постигнување мир во Украина, врз основа на планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и швајцарскиот министер за надворешни работи Игнатиус Касис.

Русија инсистира на тоа дека за мир е неопходно западните земји да ја прифатат „новата реалност на теренот“, додека Украина инсистира на целосно враќање на нејзината територија и повлекување на руската армија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.