Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, изјави дека на Блискиот Исток се случува катастрофа од „библиски размери“, додавајќи дека „никакви хуманитарни паузи нема да помогнат“.

Степенот на загубите на агенциите на Обединетите нации е шокантен. Најголемата болница во Газа е под закана, девет болници се неупотребливи, а бројот на цивилни жртви се зголемува бидејќи Газа е отсечена од остатокот од светот , рече Небензја на итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со хуманитарната ситуација во Појасот Газа. Тој додаде дека во областа влегле само 94 камиони со хуманитарна помош

Небензја рече дека САД и Израел сакаат да ги истребат жителите на Газа или да ги избркаат од Појасот и да го асимилираат остатокот од палестинското население во Израел.

Војната меѓу Израел и Хамас се шири во Сирија, поттикната од растечката нестабилност, насилството и недостатокот на напредок кон политичко решение на 12-годишниот конфликт, изјави специјалниот пратеник на ОН Геир Педерсен. Тој пред Советот за безбедност изјави дека со насилството во сирискиот конфликт, населението во земјата сега се соочува со „застрашувачка перспектива за потенцијална поширока ескалација“ по нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври и израелската воена одмазда.

Војната што се прелева во Сирија веќе не е само ризик, таа веќе започна, рече претставникот на ОН за Сирија.

Два вооружени беспилотни летала ја нападнаа ирачката воздухопловна база Аин ал Асад, во која се сместени американските сили, но нема жртви или штети, изјавија безбедносни и владини извори во Багдад.

Во понеделникот со четири ракети од типот „Каќуша“ беше извршен напад врз воздухопловната база Аин ал Асад, каде што се стационирани американски и други меѓународни сили во западен Ирак. Ракетите биле истрелани од пустинска област на околу 25 километри северно од базата, а ирачките безбедносни сили започнале потрага по напаѓачите, соопштија два безбедносни извори.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека изминатиот ден биле погодени околу 300 цели на палестинската милитантна група Хамас. ИДФ наведува дека нејзините членови убиле „многубројни терористи на Хамас“ во битки со, како што е наведено, „терористички ќелии“ кои кон нив „истрелале противтенковски ракети и митралези“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел влезе во третата фаза од војната против Хамас.

Палестинското милитантно движење Хамас објави дека неговите борци возвраќаат со тешко пешадиско оружје и противтенковски ракети на израелските сили во северниот и јужниот дел на Газа, кои од утринава го напаѓаат главниот град на енклавата.

Израел во последните денови ги прошири копнените операции во Појасот Газа, напредувајќи кон градот Газа од два правци и обидувајќи се да го „пресече“ појасот на два дела со тенкови.

Очевидци изјавија дека израелските сили во понеделникот го нападнале главниот пат север-југ во Појасот Газа и го нападнале градот Газа од два правци.

Обединетите нации најавија дека е неопходно да се отвори уште еден граничен премин за испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа.

„Потребен е повеќе од еден граничен премин за да се достави хуманитарна помош до опколениот Појас Газа, а Керем Шалом, кој е под контрола на Израел, е единствениот премин опремен за брзо обработување на доволно голем број камиони“, рече високата функционерка на ОН Лиза Даутен. Таа додаде дека настаните што се случија од 7 октомври, кога палестинската милитантна група Хамас го нападна Израел, се „ништо помалку од поразителни и потресни“.

Амбасадорката на САД во Обединетите нации, Линда Томас Гринфилд, го повика поделениот Совет за безбедност на ОН да се обедини, во време кога „хуманитарната криза во Газа од ден на ден станува се пострашна“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.