Учесниците на разговорите во Џеда презентираа алтернативен план за решавање на конфликтот во Украина, пренесува „РИА Новости“ во извештајот на германската агенција ДПА.

На преговорите во Саудиска Арабија беше претставен уште еден можен мировен план кој го изработија саудиските власти и неколку други земји. Според медиумите, за иницијативата била информирана и Русија.

Дел од алтернативниот план кој се разликува од таканаречениот „мировен план Зеленски“ е интегритетот на Украина и прекин на огнот на сите фронтови, почеток на мировни преговори под покровителство на Обединетите нации и размена на заробеници, пишува ДПА.

Ден претходно во Џеда почнаа преговорите за Украина, на кои беа поканети претставници на околу 30 земји, но не и Русија. Своето учество го потврдија многу земји, меѓу кои САД, Велика Британија, Јужна Африка, Полска. Од друга страна, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави дека неговата влада нема да учествува во преговорите без Русија.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, коментирајќи ги разговорите во Џеда, истакна дека носењето одлуки за украинската криза на политичко ниво без учество на Москва е апсурдно и бесмислено. Сепак, делегатите имаат „целосен простор за креативност“ да разговараат за ова прашање, нагласи таа.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека главната цел на оваа средба за Украина е „обид да се убедат претставниците на глобалниот југ барем донекаде да ја поддржат „формулата за мир“ на Зеленски, која е апсолутно неприфатлива и неперспективна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.