Португалските гласачи заразени со корона вирус, како и оние кои се во изолација, ќе можe да ги напуштат своите домови за да гласаат на предвремените избори на 30 јануари, објави португалската влада.

Министерот за внатрешни работи, Франциско Ван Дунем, на прес-конференција соопшти дека гласачите во изолација треба да гласаат од 18 до 19 часот, апелирајќи да не доаѓаат први на гласање. Овие гласачи мора да носат маска и да држат дистанца, а своите домови смеат да ги напуштат само за да гласаат.

Шефицата на јавното здравствено тело, Граца Фреитас, изјави дека нема да има специјално обележани избирачки места за лицата со Ковид-19 и дека нема да се знае кој гласач има Ковид-19.

Оваа одлука за одредување временски период за гласање нема целосно да ја спречи инфекцијата, но ќе го минимизира ризикот – изјави Фрејтас.

Еден ден пред ваквата одлука, Португалија, каде што се вакцинирани речиси 90 отсто од нејзините 10 милиони луѓе, имаше рекордни 43.729 нови инфекции поради ширењето на Омикрон сојот на корона вирусот. Сепак, бројот на хоспитализирани и починати е значително помал отколку на врвовите на претходните бранови.

Изборите беа распишани откако парламентот го отфрли предлог-буџетот за 2022 година преложен од малцинската социјалистичка влада. Според анкетите, социјалистите на премиерот Антонио Кошта имаат значителна предност, но веројатно недоволна за парламентарно мнозинство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.