Силна експлозија одекна денеска во центарот на градот Доњецк во источна Украина, што е под контрола на сепаратистите, јавија западни медиуми повикувајќи се на новинската агенција Риа. Експлозијата била во близина на владина зграда.

Експлозијата се случува во момент на зголемени тензии поради можноста руските сили да се подготвуваат за инвазија врз Украина, бидејќи сепаратистите поддржани од Русија во источниот дел на земјата почнаа да евакуираат цивили.

САД ја обвинија Русија дека бара изговор за инвазија на Украина, бидејќи гранатирања се слушаа на истокот на земјата, а бунтовниците поддржани од Москва наредија цивилна евaкуација од нивните отцепени енклави.

Во областите под контрола на бунтовниците Доњецк и Луганск, сепаратистичките лидери го обвинија Киев за планирање офанзива.

Министерот за надворешни работи на Украина ги отфрли наводите.

Категорично ги негираме руските дезинформации за наводните офанзивни операции на Украина или акти на саботажа во постројки за производство на хемикалии – објави Дмитро Кулеба на Твитер.

Според него, „Украина не спроведува ниту планира такви дејствија во Донбас. Ние сме целосно посветени само на дипломатско решавање на конфликтот“.

На социјални медиуми, жители на отцепениот украински регион Доњецк објавија видео снимки на кои се слушаат сирени за тревога.

Претходно, лидерот на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, Денис Пушилин најави евакуација на жителите од сепаратистичкиот регион кои ќе бидат пренесени во југоисточниот дел на Русија, по засиленото гранатирање.

Тој истакна дека Русија се согласила да обезбеди сместување за луѓето кои заминуваат и дека приоритет треба да им се даде на жените, децата и повозрасните лица.

Пушилин нагласи дека таков чекор е преземен поради „наглото влошување“ на воената ситуација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.