Шпанскиот весник „Паис“ објави тајни документи за договорот меѓу САД и НАТО, во кои се наведува дека формално се отфрлени клучните барања на Русија во однос на проширувањето на НАТО кон исток.

Сепак, во документите до кои дојде „Паис“ се наведува намерата на САД и НАТО во наредниот период да разговараат за одредени барања со Русија, како и можност за соработка во одредени области.

Писмените одговори на декемвриските предлози на Москва во голема мера го одразуваат она што западните претставници јавно го кажаа за време на тензичните разговори.

НАТО ја обвини Русија за „значително, неиспровоцирано, неоправдано и постојано“ воено зајакнување околу Украина и Белорусија. Блокот ја повтори својата поддршка за „правото на другите земји да избираат или менуваат безбедносни аранжмани“, отфрлајќи го барањето на Русија, Украина да не може да стане дел од Алијансата.

Според сега објавените документи, НАТО нуди општа транспарентност и мерки за градење доверба, како што се размена на извештаи за меѓусебни воени вежби, консултации, воспоставување телефонска линија за цивили и повторно воспоставување соодветни мисии во Москва и Брисел.

Вашингтон соопшти дека е подготвен да разговара за „реципрочните обврски и на САД и на Русија да се воздржат од распоредување офанзивни ракетни системи на копно и постојани сили со борбена мисија на територијата на Украина“.

Што се однесува до силите на САД и НАТО во Источна Европа, нивното сегашно распоредување беше „ограничено, пропорционално и целосно во согласност со обврските од Основачкиот акт НАТО-Русија“, се вели во документот и се додава дека сојузниците ќе ја зајакнат одбраната доколку Русија изврши инвазија на Украина.

САД се подготвени да ги продолжат разговорите за стратегиска контрола на вооружувањето со Москва, вклучително и ограничувања на распоредувањето на балистички ракети и нуклеарни бомбардери.

Русија негира дека планира напад на Украина и постојано тврди дека воената инфраструктура на Западот вдолж нејзините граници ја гледа како закана.

Во декември Москва предложи САД и НАТО да потпишат правнообврзувачки договори за ова прашање.

На оваа тема вчера по првпат зборуваше и рускиот претседател Владимир Путин и истакна дека писмените одговори испратени до Москва покажуваат дека Вашингтон не ги почитува фундаменталните безбедносни грижи на Русија. Слични забелешки во однос на позицијата на Западот претходно имаше и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.