Германскиот извоз речиси стагнираше и во јуни, додека увозот драстично падна, покажуваат податоците на Заводот за статистика, што сигнализира слаба домашна и странска побарувачка.

Извозот во јуни порасна за 0,1 отсто на месечно ниво, со исто темпо како и во мај, пресмета Дестатис врз основа на сезонски и календарски приспособени податоци. Увозот, пак, е намален за 3,4 отсто во однос на мај кога е зголемен за 1,4 отсто.

Така, надворешно-трговскиот биланс прикажа сезонски и календарски прилагоден суфицит од 18,7 милијарди евра, повисок за 28,1 отсто во однос на ревидираната вредност во мај. На годишно ниво, извозот во јуни е намален за 1,9 отсто, а увозот за 11,6 отсто. Извозот на стоки во другите членки на Европската унија е зголемен во јуни за 1,3 отсто во однос на мај, на 71,5 милијарди евра. Извозот во САД, главниот пазар, речиси стагнира, останувајќи на ниво од 12,7 милијарди евра.

Извозот во Кина е намален за 5,9 отсто, на 8,2 милијарди евра, објави Заводот за статистика. Германија увезла најмногу стоки од Кина во јуни, во вредност од 14 милијарди евра, 5,3 отсто повеќе отколку во мај. Увозот од САД е намален за 1,2 отсто, на 7,5 милијарди евра.

Извозот во Русија е намален за 2,3 отсто во однос на мај, на 700 милиони евра. Увозот, пак, е зголемен за 16,5 отсто, на 300 милиони евра. Расположението во германската извозна индустрија малку се влоши во јули, според истражувањето на институтот ИФО, минатата недела.

-Странската побарувачка е прилично слаба, рече шефот на истражувањето на ИФО, Клаус Волербе, издвојувајќи го влијанието на рестриктивната монетарна политика во САД и Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.