Официјален Кремљ гледа првични „позитивни сигнали“ по посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Украина.

Има позитивни сигнали кога станува збор за одлуката на Украина да дејствува само врз основа на договорот од Минск, што е плус. Слушнавме дека претседателот Зеленски изјави дека е подготвен брзо да се посвети на тоа – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Москва ја обвинува Украина дека одбива да ги спроведе договорите од Минск од 2015 година, со кои би требало да се стави крај на војната во Донбас, во источна Украина, во која,  според податоците на ОН, загинаа повеќе од 13.000 луѓе за осум години.

Во понеделникот, пред да го посети Киев, Макрон разговараше и со рускиот претседател Владимир Путин. По средбата Макрон истакна дека Путин му ветил дека тој нема да биде „причина за ескалацијата“.

Русија распореди околу 100.000 војници на границата со Украина, но негира дека подготвува напад.

Политичките советници на лидерите на Украина, Русија, Германија и Франција ќе се сретнат утре во Берлин во обид да го обноват мировниот процес за Донбас. Ќе разговараат и за евентуален самит на лидерите на четирите земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.