Денешните нови случаи на ковид-19 во Кина се повеќе од двојно повисоки од претходниот ден. Националната здравствена комисија соопшти дека во последните 24 часа биле пријавени 3.602 нови инфекции, од вчерашните 1.337. Нема нови смртни случаи.

Речиси три четвртини од новите инфекции биле пријавени во провинцијата Џилин, со помали епидемии во повеќе од десетина други провинции и поголеми градови, вклучувајќи ги Пекинг и Шангај. Властите на Џилин им забранија на жителите да ја напуштат провинцијата и да патуваат меѓу градовите.

Девет милиони жители на Чангчун, главниот град на провинцијата, се во карантин од петокот, пренесува АП.

Провинциските власти мобилизираа 7.000 војници за да помогнат во борбата против пандемијата, а повеќе од 1.000 медицински персонал пристигнаа во Џилин од другите делови на Кина. Пријавени се 106 нови случаи на инфекција во провинцијата Шандонг и 48 во провинцијата Гуангдонг, каде што се наоѓа градот Шенжен. Шенжен е во карантин од неделата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.