Цената на нафтата на меѓународните пазари порасна за еден процент, поради продолжувањето на тензиите по нападите на јеменските Хути врз бродови во Црвеното Море. Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 71 цент во однос на претходното затворање, на 80,1 долар. Во Њујорк барелот се тргуваше за 81 цент повисоко, на 74,7 долари. Во саботата наутро цената на нафтата WTI, референтната за американскиот пазар, падна на 73,56 долари, а нафтата од типот Брент на 79,07 долари за барел.

Цените на нафтата според фјучерс договорите на двата пазари се на пат кон неделен раст од речиси пет отсто, поттикнат од растечките геополитички ризици поради нападите во Црвеното Море и можните прекини на операциите на бродовите. Неколку бродски компании го избегнуваат Црвеното Море поради нападите врз бродови од страна на милитантната група Хути, кои се нивниот одговор на војната во Газа.

Нападите предизвикаа прекини во глобалната трговија преку Суецкиот канал, низ кој минува околу 12 отсто од светската трговија. Соединетите Американски Држави (САД) во вторникот започнаа мултинационална операција за заштита на трговијата во Црвеното Море, но Хутите најавија дека ќе продолжат со нападите.

Долгорочното влијание врз цените целосно зависи од времето во кое бродските компании продолжуваат да ја избегнуваат областа. Она што го преувеличува таквото влијание е немањето јасност за тоа како, каде и кога ќе дејствува таканаречената поморска коалиција – изјави Џон Еванс од „PVM“.

И покрај геополитичките тензии кои ги поддржуваат повисоките цени на нафтата, цените паднаа во четвртокот откако Ангола објави дека ќе ја напушти Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК). Африканската нација, која произведува околу 1,1 милион барели нафта дневно, рече дека членството во организацијата не им служи на нејзините интереси, протестирајќи против одлуката на пошироката групација ОПЕК + да ја намали производната квота на членката следната година.

– Иако таквиот курс беше сосема предвидлив поради ставовите на Ангола на последниот состанок на ОПЕК, тој потсетува на растечките поделби кои во иднина може да го загрозат единството на групата – додаде Еванс.

Одделно, ОПЕК објави дека цената на барел од кошничката нафта на нејзините членки се намалила за 40 центи на 80,84 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.